Музика
Електронското дуо „Massive Attack“, на задоволство на многубројните македонски обожаватели, вечерва ќе настапи на фестивалот „Скопје гори“ што ќе се одржи на скопското Кале. Манифестацијата почнува од 20 часот, а вратите ќе бидат отворени еден час порано.
Како што најавија организаторите „Авалон“, култниот состав од Бристол ќе има свое едно и полчасовно концертно шоу во кое ќе го претстави последниот албум „Heligoland“ и најдобрите нумери од претходните албуми. Вокална поддршка на настапот на Massive Attack ќе дадат Deborah Miller, Horace Endy и Martina Topley Bird која ќе има свој соло настап како вовед пред главните ѕвезди да излезат на сцената.

Во седумчасовната програмата на фестивалот се вклучени и гостувања на српскиот бенд „Сви на под“, словенечко-хрватската атракција Lolobrigida и познатиот босански хип-хоп изведувач Edo Maajka придружуван од деветочлен бенд. Maajka во Скопје ќе го промовира неодамна издадениот албум „Спомен-плоча“, компилација од најдобри нумери што раперот ги сними одново со бендот и со нови аранжмани.
Фестивалот ќе го затвори еден од нашите најдобри музички состави во моментов, Bei The Fish. Во нивниот едночасовен настап публиката ќе има можност да ужива во темите од последниот албум "Time to Make Things Right" и по некоја постара трака.

Распоредот за настап на изведувачите е следниов:
20.00 - Сви на под (Србија)
21.00 - Lolobrigida (Хрв./Сло.)
22.00 - Edo Maajka (Хрватска)
23.00 - Martina Topley Bird (Британија)
00.00 - Massive Attack (Британија)
02.00 - Bei The Fish (Македонија)
03.00 - Крај
За да се избегнат турканици и чекање пред влезовите, организаторите ги повикуваат посетителите да дојдат порано и за таа цел вратите ќе бидат отворени од 19 часот.
Copyright © Urbantime 2010